Posts by Mozilla Македонија

Излезе Firefox 3.6.4

Mozilla Македонија

0

Вчера излезе најновата 3.6.4 верзија од прелистувачот Firefox. Ова е верзија која поправа грешки и затвора сигурносни дупки. Најважно и најново Firefox носи можност за заштита од уривање (crash) на апликацијата кога тоа ќе то предизвика додаток од друг произведуват. […]

Излезе Mozilla Thunderbird 3.0

Mozilla Македонија

0

Излезе новата 3.0 верзија на Mozilla Thunderbird овој пат под капата на проектот Mozilla Messaging.

Сите новини и можности на новиот клиент за пошта се достапни на страницата Features.

За жал, не можеме да известиме дека новиот Thunderbird е достапен на македонски. Сепак, за сите што ја сакаат докажаната технологија зад Firefox тоа не би требало да биде поголем проблем. 🙂

Mozilla Firefox 3.5.3

Mozilla Македонија

0

Денес тукушто излезе Firefox 3.5.3, што е трета ревизија на сигурносни и стабилизирачки закрпи за Firefox 3.5.

Новина во оваа верзија е дека од сега Firefox ќе ја проверува верзијата на Adobe Flash plugin-от и ќе ве предупредува доколку користите стара верзија. Причината за оваа промена е истражувањето кое покажало дека дури 80% од корисниците на Firefox имаат стара верзија на Flash. Знаејќи дека сите досегашни Flash верзии имаат познати сигурносни пропусти и проблеми со стабилноста, оваа промена ќе помогне корисниците на Firefox да бидат побезбедни, или во најмала рака информирани за својата безбедност.

Повеќе информации за другите промени може да најдете во официјалното известување и белешките за изданието.

пс.
истовремено е објавена и 3.0.14 верзија, која ќе ги вклучува истите проверки за Flash како и 3.5.3 – но секако ние ви препорачуваме секогаш да ја користите најновата верзија на Firefox.

Промоција на Firefox 3.5

Mozilla Македонија

3

Mozilla Македонија е заедница од луѓе кој веруваат во моќта на технологијата со цел подобрување на животот. Се залагаме за подобрување на искуството додека се наоѓате на глобалната мрежа – Интернет. Проектитие кои ги промовираме се Open Source што значи кодот е слободен за користење од страна на секого, и до сега е употребен во голем број иновативни проекти.

Како за пример ќе ја земеме промоцијата на Firefox, интернет прелистувач кој можете да го преуредите според вашите потреби, со цел полесно да пребарувате, и да го направите онаков каков што вие сакате да биде.

Нашето општество претставува виртуелна Mozilla организација која што е независна од вработувања. Водството во организацијата потекнува од почитта: колку што повеќе ќе придонесете во организацијата, поголемо ќе биде Вашето влијание.

Технологијата на Mozilla и најзините продукти припаѓаат на секого. Не само што продуктите се бесплатно достапни, туку и целиот изворен код е достапен за јавноста. Многу други продукти се базираат на технологијата на Mozilla, комерциално и бесплатно.

Како заклучок од сето ова може да се каже дека Mozilla општеството, организацијата и технологијата се фокусирани на една и единствена цел: да го направат Интернетот подобар за сите!

За таа цел на 5ти Септември со почеток во 16 часот, на градските плоштади во Скопје и Куманово ќе се оддржат промоции на добро познатиот интернет прелистувач Mozilla Firefox. На промоциите можете подобро да се запонзате со тоа што е Firefox, како работи, како може да Ви помогне во вашите секојдневни задачи и како може да го направи Интернетот поинтересно место за посета.

Дојдете, испробајте, воодушевете се 🙂

Горјан Јовановски, Mozilla Македонија

Firefox 3.5.1 достапен за јавноста, сега и на македонски

Mozilla Македонија

3

Како дел од постојаниот процес на стабилизирање и осигурување на Firefox, Мозила го објавува Firefox 3.5.1 за GNU/Linux, Windows и Mac корисниците. Оваа верзија, меѓу другите 70-тина јазици, сега е достапна и на македонски јазик, откако се отстранија проблемите кои се појавија со македонската верзија на 3.5

На корисниците на Firefox 3.0.11 и 3.5 во следните 24 до 48 часа ќе им биде понудена автоматска надградба, но секако надградбата може и рачно да се аплицира преку опцијата „Најди надградби…“ (Check for updates) во менито „Помош“ (Help).

Повеќе информации за верзијата 3.5.1 на Firefox може да прочитате во белешките за изданието (на англиски).

На корисниците на 2.0 им се препорачува директно да го симнат 3.5.1 од www.firefox.com (или тука за македонската верзија). Верзијата 2.0 на Firefox веќе не се развива и има познати безбедносни дупки кои не се поправени и нема да се поправат.

Update за Firefox 3.5 на македонски

Mozilla Македонија

0

На кратко да известиме што се случува со Firefox 3.5 на македонски. Како што пишавме претходно, во последен момент пред да биде објавен Firefox 3.5 се откри проблем со македонската верзија. Проблемот беше откриен за време на тестната RC1 верзија и отстранет на време за RC3 верзијата, но по грешка беше повторно вратен во финалната верзија. Од таа причина, Mozilla во координација со нас решивме да го повлечеме изадението додека се истражат последицит од проблемот.

Конечно деновиве се одлучи судбината, а таа е дека сепак ќе се почека излегувањето на Mozilla Firefox 3.5.1 за да излезе и македонската верзија. Од разни технички причини не беше лесно возможно да се прави посебен build на 3.5 на македонски.

Firefox 3.5.1 би требало да излезе во следниве 2-3 седмици, така што и нема да биде многу чекањето. Корисниците на 3.0.11, 3.5rc{1,2,3} и оние неколкумина што успеаа да го симнат лошиот 3.5, автоматски ќе ја добијат надградбата доколку им е овозможена опцијата за автоматски надградби.

Инаку, дискусијата околу проблемов може да се види и во Bugzilla системот на Moziila: https://bugzilla.mozilla.org/show_bug.cgi?id=501391

Зошто уште нема firefox 3.5 на македонски

Mozilla Македонија

3

Преку блогот на Дамјан.Firefox 3.5 излезе и тоа на 70-тина светски јазици, но не и на македонски.

Во последен момент се случила некоја збрка со македонскиот build што го оневозможува системот за автоматска надоградба, и мораше да биде повлечен. Јас проблемот го приметив веќе во RC1 и ја поправив грешката, но во последните моменти по грешка таа поправка била одфрлена за конечниот build.

Останува да видиме дали ќе се појави 3.5 покасно, или пак ќе се чека на 3.5.1.

Се си мислам дека сите оние силни патриоти кои потпишуваат разно-разни молби по интернет, да одделеа малку време да тестираат и пријавуваат грешки, порано ќе го увидевме проблемот и ќе ја намалевме можноста за грешка… но тоа е реалноста, show must go on.

Од друга страна, тимот за локализација на Firefox се намали за 50% (по бројност, а 90% по преведувачки труд), нешто заинтересирани да ја продолжат работата не сретнав, па можеби show may not go on anyway.

ps.неофицијална информација е дека Firefox на македонски го користат околу 35000 луѓе, од кои 30000-тина 3.0.11.

Мозила Фајрфокс во „безбеден режим“

Mozilla Македонија

0

Оригинално објавено на: http://pablisher.nicer2.com/. Фала Гоце!

Mozilla Firefox е одлична софтверска апликација, но често заради различни додатоци може да стане многу проблематична. Иако постои многу ефикасен механизам за брзо и едноставно деактивирање на проблематичните додатоци, понекогаш може да се јави потреба од дополнителни интервенции во основните нагодувања на апликацијата, а токму од тие причини постои т.н. „безбеден режим“ (оригинално – „safe mode“) на Mozilla Firefox.

Основната идеја на безбедниот режим е да овозможи користење на Mozilla Firefox без активни додатоци од било кој тип. Дополнително, преку стартувањето во безбедниот режим, овозможено е враќање на основните преференци на Mozilla Firefox. Оваа можност е многу практична кога сакате да направите целосно ресетирање на Firefox и да го вратите во основниот облик, во кој ви бил оригинално испорачан.

Firefox 3 безбеден режим

За целосно ресетирање, стартувајте го Firefox во „безбеден режим“ и означете ги сите достапни опции (прикажани на сликата погоре). На крајот, изберете „Направи ги промените и рестартирај“ (оригинално – „Make changes and Restart“). Со тоа успешно сте го вратиле Firefox на основата. Направените измени се неповратни, па пред да ги извршите размислете дали се навистина потребни.

Во продолжение, еве и кратко објаснување за секоја од достапните опции, во рамките на прозорецот за стартување во безбеден режим.

  • Оневозможи ги сите додатоци – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа сите инсталирани додатоци ќе бидат исклучени (но не и избришани).
  • Ресетирај ги алатниците и контролите – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа, сите промени на алатниците (големина на контроли (копчиња), позиција на контроли итн.) ќе бидат поништени.
  • Врати ги обележувачите на основните обележувачи на Firefox – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа, ќе бидат избришани сите дополнителни обележувачи, a ќе бидат вратени основните на Firefox.
  • Врати ги сите кориснички преференци на основните преференци на Firefox – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа сите преференци во Firefox, ќе бидат вратени на основните вредности.
  • Врати ги оригиналните сервиси за пребарување – Доколку ја означите оваа опција и изберете „Направи ги промените и рестартирај“, Firefox ќе се стартува во нормалниот режим на работа и притоа ќе бидат вратени сите основни сервиси за пребарување што, намерно или ненамерно, сте ги избришале.

За дополнителни информации на оваа тема, погледнете го оригиналниот запис од прирачниците на Mozilla.

На крајот едно мало потсетување дека утре, на 30 јуни 2009, ќе биде објавена долго очекуваната верзија 3.5 од Mozilla Firefox

MECT’09 на ФЕИТ

Mozilla Македонија

0

Нашите гости од Франција заминаа за Сараево и додека чекаме да најдат wifi за да пишат нешто повеќе за нивното искуство во Македонија (можете да ги следите на овој блог), еве накратко за вчерашната презентација на ФЕИТ.

Амфитеатарот, како и секогаш кога има некој гостин од надвор, беше прилично исполнет и ми се чини дека дури и оние кои дошле само за да видат што се случува си заминаа малку посреќни, бидејќи хакерите од Мозила имаа торба полна со Firefox goodies за сите гости. 🙂

Пополнет амфитеатар

Презентацијата беше поделена во 2 дела: 1. за она што носи новиот Firefox 3.5, од аспект на кориснички и програмерски подобрувања, и 2. за можностите и начините да се приклучите во проектот Мозила. Патем ја имавме и вообичаената дебата за Мајкрософт, Интернет експлорер, војната на интернет прелистувачите и сл.

Но, темата што најмногу ме заинтересира беше за перформансите на Firefox (на пример, колку меморија трошел), наспроти тоа што Firefox претставува. Мислам дека главната поента што треба да се прави во врска со Firefox е онаа дека Firefox (и другиот софтвер од Мозила), пред сѐ, е слободен софтвер и дека Мозила, како фондација, работи многу на отворените стандарди за Интернет. Корисниците (а и програмерите) треба да разберат дека овие две се сериозни и важни прашања за понатамошниот развој на технологиите за Интернет. Дури и Firefox да не е најбрз, би требало да сме спремни да жртвуваме малку брзина за слобода.

Вториот интересен детаљ од настанот беше самиот настан – фактот дека пред претежно студентската публика, презентација држеа исто така студенти. Не можам да не забележам дека постои огромна разлика меѓу овие две групи: она во што се вклучени французите, како дел од тимот што е во врвот на Интернет технологијата денес, е всушност нешто што многу малку ги интересира студентите од Македонија, барем според нашето искуство на настаните како СподелиЗнаење каде најголем дел од времето има присутни нула студенти. Не сакам да навлегувам во некаква анализа зошто е тоа така, но во секој случај ова е нешто за коешто може да се размислува.

Низ Скопје

Последно, интересен беше делот кога направивме мала презентација на локализациските активности поврзани со Firefox. Посебен впечаток остави чудењето на французите на тоа дека македонците, воглавно студенти, не го користат преведениот Firefox. За нив, изгледа такво нешто не е замисливо – целиот интерфејс на нивниот лаптоп беше на француски јазик. Но, ситуацијата е таква каква што е, и останува само да видиме дали нешто ќе се промени со Firefox 3.5.

Предавање и работилници за проектот Мозила

Mozilla Македонија

0

Отворена покана за сите заинтересирани дека на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, на ден 15.04.2009 (среда) од 18 до 22 часот, во амфитеатарот на Факултетот, ќе имаат можност подобро да се запознаат со проектот Мозила, на настан организиран од „Слободен софтвер Македонија“. На тој начин заинтересираните ќе имаат можност да ги продлабочат своите знаења од областа на употреба на Интернет технологиите и Интернет програмирањето.Предавањата ќе ги водат: Сони Пирс (Sony PIERS), Арзел Јунзи (Arzhel YOUNSI) и Грег Костенобл (Grйgoire COUSTENOBLE), сите од Франција, истакнати придонесувачи на Мозила проектот. Целта е да компјутерските корисници во Македонија добијат шанса одблизу да се запознаат со проектот Мозила и оние кои го работат да видат каде и како можат да ги употребат неговите производи со цел подобро да си ги завршат своите задачи.Во склоп на настанот предвидено е да се одржат две предавања/работилници: * Техничко предавање: Firefox за веб програмери, отворени веб стандарди, прелистувач што е напишан според стандардите , HTML 5, новата структура за обработка на JavaScript, нови CSS можности; * Предавање за крајните корисници: како да се користи web 2.0 во Firefox, демонстрација на отворени веб стандарди, интересни додатоци и можности.Слободен софтвер Македонија е здружение на граѓани во Република Македонија формиранo од, претежно, млади луѓе кои секојдневно користат слободен софтвер во својата домашна и професионална работа. Како организација работи на промовирање на слободниот софтвер во Република Македонија.Фондацијата Мозила e непрофитна организација која постои за да обезбеди водство и поддршка на Мозила проектот за слободен софтвер. Таа ги одредува насоките и стандардите при развојот на производите од проектот Мозила. Најзначајните производи од овој проект се: интернет прелистувачот Mozilla Firefox, клиентот за електронска пошта Mozilla Thunderbird и во поново време интернет прелистувачот за мобилни уреди Mozilla Fenec.Tурата по европските Mозила заедници e замислена како три неделно патување на неколку членови на тимот на Мозила во различни држави од Источна европа и Балканот во кои интернет прелистувачот Mozilla Firefox се користи на повеќе од 50% од компјутерите. Идејата на патувањето е да се промовира Мозила, нејзината мисија да промовира отворени веб стандарди и да се сретнат локалните заедници кои го помагаат развојот на Firefox и останатите Мозила производи.Турата можете да видите како напредува на следниов линк, на блогот на мозила. Гостите од Мозила на нивната турнеја би требало прво да ја посетат Струмица, повеќе информации очекуваме од нашите пријатели од Струмица, а ќе ги објавиме на нашиот блог.