Историја на проектот Mozilla

Проектот Mozilla беше создаден во 1998 год. со објавувањето на изворниот код на Netscape browser suite, со цел да се искористи креативната моќ на илјадниците програмери на Интернет и за да се поттикне дотогаш невидена иновација на пазарот на прелистувачи. Уште во текот на првата година, нови членови на заедницата низ целиот свет, развија нови функционалности, ги подобрија постоечките и се вклучија во менаџирање и планирање на самиот проект.

Со создавањето на отворена заедница, проектот Mozilla стана поголем од било која компанија. Членовите на заедницата се ангажираа и ја проширија оригиналната цел на проектот—наместо единствено да работат на следниот прелистувач на Netscape, луѓето започнаа да создаваат различни прелистувачи, развојни алатки и цел спектар на други проекти. Луѓето придонесуваа за Mozilla на различни начини, но сите имаа страст за создавањето на слободен софтвер, што ќе им овозможи да изберат како ќе го искусуваат Интернет.

По неколку-годишен развој, во 2002 год. беше објавена Mozilla 1.0—првата голема верзија на проектот. Оваа верзија вклучуваше бројни подобрувања на прелистувачот, клиент за е-пошта и други апликации што беа вклучени во пакетот, но не ја користеа многу луѓе. До 2002 год., речиси 90% од корисниците на Интернет прелистуваа со Internet Explorer. Многумина не забележаа, но истата година, со цел да обезбедат најдобро можно прелистувачко искуство за што е можно повеќе луѓе, членовите на заедницата на Mozilla ја објавија и првата верзија од Phoenix (подоцна преименуван во Firefox).

Проектот Mozilla, во 2003 год. ја создава фондацијата Mozilla, независна непрофитна организација поддржана од индивидуални донатори и разни компании. Новата фондација Mozilla продолжува со менаџирањето на дневните активности на проектот и започнува да ги промовира отвореноста, иновацијата и можностите на Интернет. Тоа го прави преку објавување на софтвер, како Firefox и Thunderbird и преку обезбедување на грантови за поддршка на подобрувањето на пристапноста на Интернет.

Firefox 1.0 беше објавен во 2004 год. и стана многу успешен. За помалку од една година, Firefox беше преземен повеќе од 100 милиони пати. Оттогаш, нови верзии на Firefox беа објавувани редовно и поставуваа нови рекорди на преземање. Популарноста на Firefox помогна да им биде вратен изборот на корисниците. Во 2008 год., Firefox достигна 20% светски пазарен удел, а обновениот натпревар ја забрза иновацијата и го подобри Интернет за сите.

Mozilla ја прослави својата десет-годишнина во 2008 година. За десет години, заедницата покажа дека компаниите можат да заработат од проекти со отворен код и дека одлични производи можат да бидат создадени од софтвер со отворен код. Повеќе луѓе од кога и да било користат Интернет и го искусуваат на нивниот мајчин јазик. Создадена е одржлива организација што користи пазарни механизми за поддршка на придобивките на јавноста, а овој модел е искористен и за создавање на други отворени, трансапентни и соработнички организации во широк спектар на дејности.

Следните десет години носат предизвици и можности еднакви на оние од нашата прва деценија. Нема гаранција дека мрежата Интернет ќе остане отворена или пријатна или безбедна. Mozilla ќе продолжи да обезбедува можност, за луѓето да ги искажат своите мислењата и самите да ги обликуваат своите животи на Интернет. Се разбира, ние не сме сами во ова. Заедницата на Mozilla, како и други проекти со отворен код и други организации од јавен интерес, постојат единствено заради луѓето што се ангажирани, за нашата заедничка цел да стане реалност. Ако сакате да ни се приклучите во нашата мисија, ве молиме направете го тоа.

За повеќе информации за историјата на Mozilla, прочитајте и:

Извор: History of the Mozilla Project

No responses yet

Post a comment

Post Your Comment