Posts from март, 2009

Најново од Mozilla: Firefox 3.0.7 и 3.5

Mozilla Македонија

0

Продолжувајќи ја традицијата за редовни и навремени поправки на својот софтвер, Mozilla го објави Firefox 3.0.7, најновата надградба на 3.0.x серијата. Освен вообичаените закрпи за грешки и сигурносни пропусти во програмот, важно за оваа верзија се подобрувањата на системот за помош на лицата со посебни потреби. Еден од примерите е дека со Firefox 3.0.7, слепите луѓе, кои користат читачи на екран, ќе можат да го користат сервисот Gmail.

Официјалните белешки за верзијата ќе ги видите тука.

Од другите новости, Firefox 3.1 повторно касни. Оваа верзија, најпрвин беше најавена за крајот на 2008, па беше одложена за првиот квартал на 2009, а сега веќе е јасно дека ќе излезе во вториот квартал на 2009 (произволна проценка, некаде во мај). За каснењето најодговорни се проблемите во новиот JavaScript engine – Tracemonkey, кој треба да обезбеди големи подобрувања во JavaScript перформансите на Firefox.

Исто така, се поизгледно е дека новата верзија ќе се вика Firefox 3.5. Промената на именување на верзијата е направена за да ги потенцира новите можности во Firefox, како што се: вградената подршка за репродуцирање на аудио и видео (дел од HTML5 стандардот), нови ефекти и стилизирање со CSS-3 и многу други можности.

Во меѓувреме Firefox 3.1beta3 ќе излезе на 12 март, по што ќе следи промената на името, а beta4 некаде втората половина на април. И уште едно потсетување, Firefox 2.0 веќе не се развива, надградете на 3.0.