Промовиран првиот студентски клуб на Firefox на ФИНКИ

Mozilla Македонија

0

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, неодамна го доби првиот студентски клуб на Firefox.

На промотивниот настан што се одржа на 30-ти април 2014 година, во предавалната бр. 117 на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје, присуствуваа околу четириесеттина студенти што имаа можност да се запознаат со целите на клубот, отворениот Интернет, слободниот софтвер, мисијата на Mozilla и претпромотивно да го тестираат Firefox OS.

Иван Стаменов зборува за клубот на Firefox на ФИНКИ

Иван Стаменов зборува за клубот на Firefox на ФИНКИ

Настанот го отвори Иван Стаменов, еден од основачите на клубот, со кратка презентација за идејата за отворање на студентски клуб на Firefox во Скопје. Иван, својата презентација за започна со кратко видео за отворениот Интернет, па потоа зборуваше за природата на овие клубови, за нивните активности, за можноста за зачленување и за мисијата на Mozilla.

Дел од студентите што нѐ посетија

Дел од студентите што нѐ посетија

По Иван, на присутните студенти им се обрати Гоце Митевски, еден од претставниците на Mozilla за Македонија и активен член на заедницата на Mozilla во Македонија. Гоце, во неговата презентација подетално ја претстави мисијата на Mozilla и со практични примери објасни кои се предностите од отворениот софтвер и отворениот Интернет и зошто Mozilla толку настојува, се залага и работи Мрежата да остане отворена и достапна за сите. Во презентацијата беа споменати и кабелските оператори во САД и нивните ненаситни апетити за поголема заработувачка, што влијаат негативно на неутралноста на Интернет.

Гоце Митевски зборува за мисијата на Mozilla

Гоце Митевски зборува за мисијата на Mozilla

Гоце, потоа зборуваше за Firefox OS, како нова и универзална платформа за веб-апликации и им овозможи на присутните студенти да го тестираат Firefox OS на македонски јазик, на телефонот Keon од GeeksPhone. Присутните студенти, исто така, беа поканети да земат учество во првиот хакатон со Firefox OS, закажан за 10-ти мај, во истата предавална на ТМФ.

Firefox OS на македонски јазик

Firefox OS 1.4 на македонски јазик

На двајца студенти им беа доделени маички со симболот на Firefox, а сите студенти можеа да си земат беџови, лепенки, алки и други промотивни материјали добиени од Mozilla.

Студентите што добија маички први одговорија точно на следните наградни прашања:

  1. Прашање: Како се вика новиот кориснички интерфејс на Firefox што беше претставен во верзијата 29?
    Одговор: Australis
  2. Прашање: Како е името на тест-верзијата на Firefox што е понова од Aurora?
    Одговор: Nightly

Пред крајот на настанот, околу дваесеттина студенти станаа членови на клубот.

Настанот заврши со интересен разговор за предностите што произлегуваат од развивањето на веб-апликации со технологи како HTML, CSS и JavaScript.

Се разделивме со покана за следна средба и дружење на 10-ти мај.

No responses yet

Post a comment

Post Your Comment