Posts from април, 2009

MECT’09 на ФЕИТ

Mozilla Македонија

0

Нашите гости од Франција заминаа за Сараево и додека чекаме да најдат wifi за да пишат нешто повеќе за нивното искуство во Македонија (можете да ги следите на овој блог), еве накратко за вчерашната презентација на ФЕИТ.

Амфитеатарот, како и секогаш кога има некој гостин од надвор, беше прилично исполнет и ми се чини дека дури и оние кои дошле само за да видат што се случува си заминаа малку посреќни, бидејќи хакерите од Мозила имаа торба полна со Firefox goodies за сите гости. 🙂

Пополнет амфитеатар

Презентацијата беше поделена во 2 дела: 1. за она што носи новиот Firefox 3.5, од аспект на кориснички и програмерски подобрувања, и 2. за можностите и начините да се приклучите во проектот Мозила. Патем ја имавме и вообичаената дебата за Мајкрософт, Интернет експлорер, војната на интернет прелистувачите и сл.

Но, темата што најмногу ме заинтересира беше за перформансите на Firefox (на пример, колку меморија трошел), наспроти тоа што Firefox претставува. Мислам дека главната поента што треба да се прави во врска со Firefox е онаа дека Firefox (и другиот софтвер од Мозила), пред сѐ, е слободен софтвер и дека Мозила, како фондација, работи многу на отворените стандарди за Интернет. Корисниците (а и програмерите) треба да разберат дека овие две се сериозни и важни прашања за понатамошниот развој на технологиите за Интернет. Дури и Firefox да не е најбрз, би требало да сме спремни да жртвуваме малку брзина за слобода.

Вториот интересен детаљ од настанот беше самиот настан – фактот дека пред претежно студентската публика, презентација држеа исто така студенти. Не можам да не забележам дека постои огромна разлика меѓу овие две групи: она во што се вклучени французите, како дел од тимот што е во врвот на Интернет технологијата денес, е всушност нешто што многу малку ги интересира студентите од Македонија, барем според нашето искуство на настаните како СподелиЗнаење каде најголем дел од времето има присутни нула студенти. Не сакам да навлегувам во некаква анализа зошто е тоа така, но во секој случај ова е нешто за коешто може да се размислува.

Низ Скопје

Последно, интересен беше делот кога направивме мала презентација на локализациските активности поврзани со Firefox. Посебен впечаток остави чудењето на французите на тоа дека македонците, воглавно студенти, не го користат преведениот Firefox. За нив, изгледа такво нешто не е замисливо – целиот интерфејс на нивниот лаптоп беше на француски јазик. Но, ситуацијата е таква каква што е, и останува само да видиме дали нешто ќе се промени со Firefox 3.5.

Предавање и работилници за проектот Мозила

Mozilla Македонија

0

Отворена покана за сите заинтересирани дека на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, на ден 15.04.2009 (среда) од 18 до 22 часот, во амфитеатарот на Факултетот, ќе имаат можност подобро да се запознаат со проектот Мозила, на настан организиран од „Слободен софтвер Македонија“. На тој начин заинтересираните ќе имаат можност да ги продлабочат своите знаења од областа на употреба на Интернет технологиите и Интернет програмирањето.Предавањата ќе ги водат: Сони Пирс (Sony PIERS), Арзел Јунзи (Arzhel YOUNSI) и Грег Костенобл (Grйgoire COUSTENOBLE), сите од Франција, истакнати придонесувачи на Мозила проектот. Целта е да компјутерските корисници во Македонија добијат шанса одблизу да се запознаат со проектот Мозила и оние кои го работат да видат каде и како можат да ги употребат неговите производи со цел подобро да си ги завршат своите задачи.Во склоп на настанот предвидено е да се одржат две предавања/работилници: * Техничко предавање: Firefox за веб програмери, отворени веб стандарди, прелистувач што е напишан според стандардите , HTML 5, новата структура за обработка на JavaScript, нови CSS можности; * Предавање за крајните корисници: како да се користи web 2.0 во Firefox, демонстрација на отворени веб стандарди, интересни додатоци и можности.Слободен софтвер Македонија е здружение на граѓани во Република Македонија формиранo од, претежно, млади луѓе кои секојдневно користат слободен софтвер во својата домашна и професионална работа. Како организација работи на промовирање на слободниот софтвер во Република Македонија.Фондацијата Мозила e непрофитна организација која постои за да обезбеди водство и поддршка на Мозила проектот за слободен софтвер. Таа ги одредува насоките и стандардите при развојот на производите од проектот Мозила. Најзначајните производи од овој проект се: интернет прелистувачот Mozilla Firefox, клиентот за електронска пошта Mozilla Thunderbird и во поново време интернет прелистувачот за мобилни уреди Mozilla Fenec.Tурата по европските Mозила заедници e замислена како три неделно патување на неколку членови на тимот на Мозила во различни држави од Источна европа и Балканот во кои интернет прелистувачот Mozilla Firefox се користи на повеќе од 50% од компјутерите. Идејата на патувањето е да се промовира Мозила, нејзината мисија да промовира отворени веб стандарди и да се сретнат локалните заедници кои го помагаат развојот на Firefox и останатите Мозила производи.Турата можете да видите како напредува на следниов линк, на блогот на мозила. Гостите од Мозила на нивната турнеја би требало прво да ја посетат Струмица, повеќе информации очекуваме од нашите пријатели од Струмица, а ќе ги објавиме на нашиот блог.