MECT’09 на ФЕИТ

Mozilla Македонија

0

Нашите гости од Франција заминаа за Сараево и додека чекаме да најдат wifi за да пишат нешто повеќе за нивното искуство во Македонија (можете да ги следите на овој блог), еве накратко за вчерашната презентација на ФЕИТ.

Амфитеатарот, како и секогаш кога има некој гостин од надвор, беше прилично исполнет и ми се чини дека дури и оние кои дошле само за да видат што се случува си заминаа малку посреќни, бидејќи хакерите од Мозила имаа торба полна со Firefox goodies за сите гости. 🙂

Пополнет амфитеатар

Презентацијата беше поделена во 2 дела: 1. за она што носи новиот Firefox 3.5, од аспект на кориснички и програмерски подобрувања, и 2. за можностите и начините да се приклучите во проектот Мозила. Патем ја имавме и вообичаената дебата за Мајкрософт, Интернет експлорер, војната на интернет прелистувачите и сл.

Но, темата што најмногу ме заинтересира беше за перформансите на Firefox (на пример, колку меморија трошел), наспроти тоа што Firefox претставува. Мислам дека главната поента што треба да се прави во врска со Firefox е онаа дека Firefox (и другиот софтвер од Мозила), пред сѐ, е слободен софтвер и дека Мозила, како фондација, работи многу на отворените стандарди за Интернет. Корисниците (а и програмерите) треба да разберат дека овие две се сериозни и важни прашања за понатамошниот развој на технологиите за Интернет. Дури и Firefox да не е најбрз, би требало да сме спремни да жртвуваме малку брзина за слобода.

Вториот интересен детаљ од настанот беше самиот настан – фактот дека пред претежно студентската публика, презентација држеа исто така студенти. Не можам да не забележам дека постои огромна разлика меѓу овие две групи: она во што се вклучени французите, како дел од тимот што е во врвот на Интернет технологијата денес, е всушност нешто што многу малку ги интересира студентите од Македонија, барем според нашето искуство на настаните како СподелиЗнаење каде најголем дел од времето има присутни нула студенти. Не сакам да навлегувам во некаква анализа зошто е тоа така, но во секој случај ова е нешто за коешто може да се размислува.

Низ Скопје

Последно, интересен беше делот кога направивме мала презентација на локализациските активности поврзани со Firefox. Посебен впечаток остави чудењето на французите на тоа дека македонците, воглавно студенти, не го користат преведениот Firefox. За нив, изгледа такво нешто не е замисливо – целиот интерфејс на нивниот лаптоп беше на француски јазик. Но, ситуацијата е таква каква што е, и останува само да видиме дали нешто ќе се промени со Firefox 3.5.

No responses yet

Post a comment

Post Your Comment