Firefox Quantum Sprint, 5. октомври 2017, хаклаб КИКА

Гоце Митевски

0

На 14. ноември 2017 г. ќе биде објавена долго-очекуваната верзија број 57 на Firefox, а нашата заедница има намера да се осигура дека кога тоа ќе се случи, сите најпопуларни мрежни места во Македонија ќе може да се пристапуваат од Firefox без ниеден проблем.

Како дел од еден огромен зафат, официјално наречен Firefox Quantum, најкористениот прелистувач на Mozilla еволуира со цел да понуди исклучително подобро корисничко искуство. Firefox 57+ има нова архитектура (Stylo, Photon UI, WebExtensions), нов дизајн на корисничката околина, нови можности за приватно прелистување и драстично подобрени перформанси.

Новиот кориснички интерфејс на Firefox на Windows 10

В четврток, на 5. октомври 2017 г. од 19 до 21 часот, во хаклабот КИКА во Скопје, со Firefox 57 ќе ги тестираме педесетте најпопуларните мрежни места во Македонија според Alexa и ќе се обидеме да откриме некакви проблеми во прикажувањето. Доколку најдеме проблеми, ќе ги пријавиме со помош на Webcompat.com и ќе придонесеме за нивно решавање.

Секако, можете да дојдете и со своја листа на мрежни места што сакате да ги тестирате. Доколку имате време да подготвите таква, ние ќе бидеме пресреќни.

Задолжително понесете си компјутери со вас и претходно инсталирајте Firefox 57 (Firefox Beta) на платформата што вам ви прилега – Linux, macOS, Windows, Android, iOS итн. Одлично би било доколку имаме можност да тестираме на секоја од нив поединечно.

Не е потребно да имате предзнаења за да учествувате на настанот. Сите сте поканети.

Ние ќе се погрижиме за грицките, слатките и пијалоците… и за уште неколку изненадувања.

Се гледаме в четврток!

No responses yet

Post a comment

Post Your Comment