Со мало задоцнување од вообичаениот шест-неделен циклус, денес, на 9 октомври 2012 година, Mozilla објави уште една нова верзија од Интернет прелистувачот Firefox.
Листата на новитети во Firefox 16, можеби веќе сте чуле, е особено значајна за развивачите на апликации за Интернет. Firefox 16 доаѓа со нов алатник – Developer toolbar – преку кој што е овозможен пристап до едноставен терминал и бројни команди за најразлични намени.
На пример, со само една кратка команда во терминалот на Firefox, сега е можно да фатите слика од прегледуваниот веб сајт:
screenshot <име_на_датотека> <број_на_секунди_пред_снимање_на_слика>
Интересно, нели? 🙂
Покрај новиот терминал, Firefox 16 добива и:
- забрзана обработка на JavaScript;
- поддршка за анимации, премини, трансформации и градиенти во CSS3, без употреба на уникатен префикс за Firefox;
- пристап до неодамна отворените датотеки преку Scratchpad;
- поддршка за Opus – новиот отворен аудио-кодек итн.
Колку за информација, во Firefox 16 се направени без малку 2000 измени!
Честитки за уште едно успешно издание на заедницата! Се читаме за шест недели.