Македонската заедница на Mozilla од неодамна се реактивираше околу локализацијата на проектот Common Voice. Благодарение на Матеј Плавевски, проектот сега е целосно преведен на македонски јазик, а за следната фаза ни е потребна поддршката од сите.
За тие што не знаат, Common Voice е иницијатива и проект на Mozilla за создавање на отворена база на гласовни податоци што е слободно достапна за сите. Поедноставно кажано, Mozilla сака да им помогне на машините да научат да зборуваат како луѓето.
Сите што се заинтересирани можат да го донираат својот глас преку читање на едноставни и сложени реченици, на литературен говор. Сето тоа се прави преку интуитивен кориснички интерфејс, а самиот придонес останува зачуван во рамките на корисничкиот профил што секој корисник го регистрира за себе.
За да стане еден јазик достапен на Common Voice и за да може да се снимаат аудио записи од лица што сакаат да го донираат својот глас, потребно е да се создаде збирка од најмалку 5.000 реченици, на литературен македонски јазик, којашто што спаѓа во јавниот домен и не подлежи на авторски права. Тоа би можело да бидат реченици што доаѓаат од било каде, но под услов да се во согласност со условите на Common Voice.
Речениците се внесуваат преку системот Common Voice Sentence Collector. Најголемиот предизвик во моментов е како тоа да се автоматизира, а сепак е во согласност со правилата за внесување.
Доколку ова ви звучи интересно и имате време да одвоите, пишете ни на Твитер или е-пошта.
No responses yet
Post a comment