Откако изминатата седмица Слободен софтвер Македонија потпиша договори за соработка со Филолошки факултет и Филозофски факултет при УКИМ, студентите на овие два факултети кои мора да работат задолжителна пракса можат тоа да го направат во организацијата. За почеток планираме тоа да биде превод на содржини за поддршка на прелистувачот Firefox, или популарно наречено SuMo.
Пракса поврзана со превод најмногу може да им користи на студентите што студираат јазици, но можноста е отворена за сите што сакаат да научат нешто плус и да придонесат до проектот чија мисија е да се грижи за приватноста и безбедноста на корисниците на отворениот интернет.
Целта од овие активности е на крај да имаме повеќе содржина на македонски јазик, но ограничувања во однос на јазиците не постојат, па може да се работи и на други јазици, согласно желбите, потребите и можностите на студентите.
Mozilla Firefox е прелистувач за интернет што го користат десетици илјади корисници во Македонија и милиони низ светот. Сите придонеси од ваков тип стануваат веднаш достапни за корисниците, така што ако барате мотивација плус можете да сметате дека ќе бидете читани. (А понекогаш, иако тоа е навистина тешко да се предвиди, Mozilla решава да подари и маички за тие што придонесуваат. :))
За да се пројавите пишете коментар на овој напис со ваши информации, или пишете на novica-на-slobodensoftver.org.mk
До сега, на проекти на меѓународните фондации што создаваат слободен софтвер учествуваа и студенти од ФИНКИ.
No responses yet
Post a comment