Денес, на 27 септември 2011 година, нешто пред 18 часот, беше објавено долго-очекуваното седмо издание на Firefox. Неколку часа подоцна, достапна стана и седмата верзија од Thunderbird.
Firefox 7 е специфично издание, затоа што решава неколку клучни проблеми поврзани со меморискиот менаџмент во Firefox. Firefox 7 троши до 50% помалку меморија! Понатаму, ново е тоа што Firefox 7 се синхонизира речиси инстантно на сите платформи, како и тоа што Firefox сега може да испраќа информации поврзани со брзината на работа до Mozilla и така да придонесе кон подобри идни верзии. Се разбира, испраќањето на тие информации ќе биде со одобрување на корисникот. Целосната листа на измени во Firefox 7 опфаќа 1242 поправки.
Нешто поскромно е изданието Thunderbird 7, но секако е добредојдено! Thunderbird сега работи на Mozilla Gecko 7, вклучува подобрувања во адресарот, нуди можност за печатење на збир од означени пораки, а покрај редовните надградби на корисничката околина, доаѓа и со неколку сигурносни подобрувања. Природно е да очекувате Thunderbird 7 да работи побрзо и помазно од претходните верзии. Така и е.
Честитки за новите изданија до заедницата на Mozilla и со нетрпение ги очекуваме осумките! 🙂