Ема Вотсон: Родовата еднаквост е и твој проблем

Новица Наков

0

Датум: 20 септември 2014

Говор на амбасадор на добра волја на Обединети Нации Ема Вотсон на специјалниот настан на HeForShe кампањата, седиште на Обединети Нации, Њујорк, 20 септември 2014.

Ема Вотсон

Ема Вотсон кампања

Денес ја стартуваме кампањата наречена HeForShe (ТојЗаТаа).

Ви се обраќам Вам бидејќи ми треба вашата помош. Сакаме да ставиме крај на родовата нееднаквост и затоа секој треба да биде вклучен.

Ова е прва кампања од овој вид во ОН: сакаме да пробаме да поттикнеме што е можно повеќе мажи и момчиња да се залагаат за родова еднаквост. И не сакаме само да зборуваме за тоа, туку истото да биде и реализирано.

Откако пред шест месеци бев назначена на оваа функција, колку повеќе зборував за феминизмот толку повеќе сфаќав дека борбата за правата на жените најчесто е сфатена како синоним за омраза кон мажите. Ако за нешто сум сигурна, тоа е дека ова мора да престане.

Како потсетување, дефиницијата за феминизам е: „Верување дека мажите и жените треба да имаат еднакви права и можности. Таа е теоријата на политичката, економската и социјална еднаквост на половите.“

На осумгодишна возраст прв пат се запрашав за половите стереотипи, збунета од тоа што бев наречена „заповедничка“ (bossy) за разлика од момчињата, бидејќи сакав да ги режирам претставите за приредбите за родители.

На 14 години печатот почна да ме претставува како сексуален објект.

На 15 години моите другарки почнаа да се откажуваат од спортски активности бидејќи не сакаа да изгледаат мускулесто.

На 18 години моите другари не можеа да ги изразат своите чувства.

Одлучив дека сум феминистка и ова ми изгледаше едноставно. Моето последно истражување докажа дека феминизам како збор станал одбивен.

Очигледно, спаѓам во жени на чие однесување се гледа како престрого, пренападно, изолирачко, неатрактивно и насочено против мажите.

Зошто зборот е толку непријатен?

Јас сум од Британија и мислам дека е сосема правилно да сум платена подеднакво со моите машки колеги. Правилно е да можам да донесувам одлуки за моето тело. Правилно е жените да бидат вклучени во политиките и донесувањето одлуки во мојата земја. Правилно е во општеството да бидам почитувана исто како и мажите. Нажалост, тврдам дека не постои ни една земја во светот во која секоја жена може да ги добие овие права.

Ни една земја во светот не може да се пофали дека достигнала родова еднаквост.

Овие права ги сметам за човечки права, но ја сум една од среќниците. Мојот живот е огромна привилегија затоа што моите родители не ме сакале ништо помалку бидејќи сум родена како девојче. Моето училиште не ме ограничуваше бидејќи сум девојче. Моите ментори не појдоа со претпоставка дека ќе постигнам помалку само затоа што некогаш можеби ќе станам мајка. Сите овие влијанија беа моите амбасадори за родова еднаквост кои ме направија она што сум денес. Тие можеби не го знаат ова, но се случајни феминисти кои денес го менуваат светот. Такви ни требаат повеќе.

А ако сеуште го мразите овој збор – не е тој важен, важна е идејата и целта зад него. Бидејќи не секоја жена ги има истите права како мене. Статистички, многу малку (жени) и ги имаат добиено тие права.

Во 1995-тата година, Хилари Клинтон во Пекинг го одржа познатиот говор за женски права. Нажалост, поголемиот дел од работите кои таа сакаше да ги смени, денес сеуште се непроменети.

Она што најмногу ми го привлече вниманието беше тоа што само 30 проценти од публиката беа мажи. Како можеме да предизвикаме промена во светот кога само половина од него е поканета или се чувствува добредојдена да учествува во дискусијата?

Мажи – ја користам оваа прилика да ја проширам поканата упатена до вас. родовата еднаквост е и ваш проблем.

До денес гледам дека улогата на татко ми како машки родител е помалку вреднувана во општеството иако мојата потреба од негово присуство во моето одгледување е од еднаква важност како таа на мајка ми.

Имам видено како млади мажи кои патат од ментална нестабилност се во неможност да побараат помош плашејќи се дека тоа ги прави помалку „мачо“ – всушност, самоубиството е најголем „убиец“ во Обединетото Кралство кај мажите од 20 до 49 години, засенувајќи ги сообраќајките, ракот и срцевите заболувања како причини. Имам видено како мажи стануваат ранливи и несигурни заради искривената замисла за тоа што вклучува успех на еден маж. Ни мажите немаат придобивки од родовата нееднаквост.

Не често зборуваме за мажите кои се ограничени со полови стереотипи, но можам да видам дека кога би биле ослободени од истите, работите ќе се променат и за жените и тоа речиси како по природен пат.

Доколку мажот нема потреба да биде агресивен за да биде прифатен, жената нема да мора да биде потчинета. Доколку мажот нема потреба да контролира, жената нема да мора да биде контролирана.

И мажите и жените треба да смеат да бидат чувствителни. Обата треба да смеат да бидат силни…Време е да гледаме на половите на спектар наместо како спротивставени идеали.

Ако престанеме да се дефинираме меѓусебно како она што не сме наместо како она што сме – сите ќе бидеме послободни и тоа е она за што HeForShe се залага. За слободата се работи.

Сакам мажите да ги отворат очите. За нивните ќерки, сестри и мајки да бидат ослободени од предрасуди, но и за нивните синови да имаат слобода да бидат ранливи и пред сé луѓе. Да ги пронајдат одново оние делови од себе кои ги имаат одамна запоставено и со тоа да станат поверна и покомплетна верзија на себе.

Може си викате сега која е оваа девојка од Хари Потер? Што прави на говорницата на ОН. Одлично прашање, и сама си го поставувам. Не знам ни дали сум квалификувана да бидам тука, само знам дека ме мачи овој проблем. И сакам да го решам.

Со оглед на тоа што го имам видено, при дадена шанса, должност ми е да го кажам мојот став. Англискиот државник Едмунд Бурк рече: „Се што им треба на силите на злото да триумфираат е доволен број на добродушни мажи и жени да не прават ништо“.

Со мојата трема за овој говор и во моменти на сомнеж, цврсто си велев „ако не јас, кој? Ако не сега, кога?“ Ако се соочите со слични предомислувања во пресрет на некаква шанса за успех, се надевам дека овие зборови ќе ве мотивираат.

Реално гледано, ќе бидат потребни 75 години, или јас да наполнам речиси 100, пред жената да очекува да биде еднакво платена како и мажот за истата работа. 15.5 милиони девојчиња, во наредните 16 години ќе бидат омажени додека се сеуште деца. Со денешните стапки, дури по 2086 година секое девојче од руралните средини во Африка ќе може да се запише во средно училиште.

Ако верувате во еднаквост, можеби и вие сте од оние ненамерни феминисти за кои предмалку ви зборував.

Ако е така, ви честитам.

Се бориме за обединувачки збор. Добрата страна е што имаме обединувачко движење, HeForShe. Ве поканувам да истапите, да ве видат и чујат, да биде „тој“ за „таа“. И да се запрашате „ако не јас, кој? Ако не сега, кога?“

Ви благодарам.

Текстот е преведен од Кристина и Ана.

За повеќе во врска со активностите на Mozilla и родовата еднаквост посетете го http://womoz.org/.

No responses yet

Post a comment

Post Your Comment