За Mozilla и отворената мрежа

Новица Наков

0

Пред неколку години главнато дебата за Mozilla Firefox беше неговиот ‘memory leak’, т.е. тоа што тој во некои ситуации користеше многу RAM. Не знам до каде стигна оваа дебата. Можеби ефтиниот RAM ја изеде. Но, деновиве актуелна е нова дебата за Firefox, поточно за новата основна тема на прелистувачот – Australis.

Од сите работи што се зборуваа на штотуку завршениот самит, ништо не предизвика такво внимание (и бес) како најавениот заоблен изглед на јазичињата на Firefox.

Не би одел толку далеку да кажам дека изгледот на апликацијата е целосно незначајна работа (сепак се чини редизајнот на прозорчето со опции е згоден, корисен и потребен), но целата дебата и посебно реакција наликува на полнокрвен bikeshed.

Вистина, Mozilla се гордее со тоа што (се труди) да создава state-of-the-art програми за крајниот корисник (нешто што не е генерално подразбирливо за проекти кои се слободен софтвер, иако и тоа е прашање за дебата) и секако Firefox е таков производ. Но, Mozilla не е само „компанија за еден прелистувач“ (и пар добри маички – како што знае секој верен мозилијанец :)).

Шегата на страна, ценењето на работата на Mozilla само преку тоа што се случува со нејзиниот прелистувач е комплетно промашување на поентата. Всушност, и самите мозилијанци промовираат слободен и широк избор на прелистувачи за крајните кориници, сѐ додека се применуваат стандардите. Една апстракција понатаму, и Firefox вусшност преставува „студија на случај“ за тоа како (треба да) функционира мрежата.

Mozilla е организацијата која многу повеќе е загрижена и ангажирана за инфраструктурата на светската мрежа отколку што тоа изгледа на прв поглед. Се разбира, оваа порака е порака која е потешко да се пренесе. Тоа лесно го објаснува фокусот на луѓето на полесните (bikeshed) теми.

Не верувам дека некој мисли дека за 30 или 40 години сѐ уште ќе користиме прелистувачи за сурфање. Мобилните уреди уште сега го менуваат тоа искуство. Токму во ова поместување може да се гледа улогата на Mozilla. Кажано просто, кога Firefox за десктоп ќе стане неважен како производ, Mozilla ќе престане да го произведува. Но, Mozilla ќе произведува што и да е што ќе биде важно за корисниците на интернет да имаат пристап до мрежата што ќе им гарантира безбедност и сигурност притоа осигурувајќи се мрежата да остане јавен ресурс. Ова се дел од принципите што се дел од манифестот на Mozilla, кој организацијата постојано се обидува да го отелотвори. Нивниот најнов обид е FirefoxOS, мобилните уреди (телефони пред сѐ) што за своја платформа ги користат и промовираат HTML, CSS и JavaScript – или со еден збор интернет.

По секој стандард, барем сега за сега, телефоните што може да се купат со FirefoxOS се инфериорни со Android или iOS уредите. Хардверот е од долниот крај на, на пример, HTC уредите што може да се купат (и) во нашите продавници. Софтверот е во верзија 1.1 и е сѐ уште многу нестабилен. Телефонот се кочи повеќе од очекувано, и многу веројатно од аспект на употребливост повеќе работа ќе си завршите со некој постар dumb-phone одошто со FirefoxOS.

Сепак, како што вели Мако Хил во својот одличен есеј „Кога слободниот софтвер не е (практично) подобар“ (превод овде):

“Секој софтвер што им дава контрола на корисниците над нивната технологија е чекор напред. Подобриот квалитет, како што проектот созрева, е само шлаг на тортата.”

Во оваа смисла FirefoxOS е огромен чекор напред на мобилниот пејсаш. Вистина, ни според стандардите на Mozilla тоа сѐ уште не е state-of-the-art производ. Но, не беше ни Firefox (тогаш Firebird) кога во верзијата 0.6 или 0.7 се појави некаде во 2002 – 2003 година. Целта на Firefox беше да ги врати стандардите меѓу прелистувачите и веб страниците и да овозможи избор за милионите кориници кои од развиениот свет се закачуваа „онлајн“. Целта на FirefoxOS е првото мобилно искуство за милијардата нови корисници (кои немаат десктоп) да биде на отворениот интернет.

Разбирливо, ваквото гледиште е потешко да се прифати. Во суштина тоа е политичко прашање и бара поактивно размислување.

Јас користам Firefox од таа рана верзија која што исто така ја преведов на македонски. Исто така користам и FirefoxOS, за кој преводот е околу 90% готов. Можеби во многу случаи тие не се практично подобри. Но, слободата што им ја даваат на корисниците нема друга практична замена.

PS. Ќе разговараме за Mozilla и нејзините активности и предизвици следната недела во Хаклабот КИКА. Следете го blog.spodeli.org за навремена информација.

(Текстот е објавен на it.com.mk: http://it.com.mk/za-mozilla-i-otvorenata-mrezha/)

No responses yet

Post a comment

Post Your Comment