Во очекување на самитот на Mozilla 2013

Новица Наков

0

Оваа година, од 3 до 7 октомври се одржува третиот самит на Mozilla. Самитот се одржува истовремено на три локации: во Брисел, во Торонто и во Санта Клара. Само ова е индикатор за тоа колку Mozilla пораснала изминатите 2-3 години. По последниот самит во Ванкувер фондацијата размислуваше повеќе да не организира такви настани бидејќи нема да може да ги собере сите свои вработени и волонтери на исто место.

Mozilla Summit 2010

Од самитот на Mozilla во 2010

Но, Mozilla не е сменета само по бројките. Како што пејсажот на технологии и политики се менуваше изминатите години и Mozilla се обидуваше да следи. Firefox, главниот производ на фондацијата, веројатно пред неколку години беше крајна цел, но денес сѐ повеќе личи на почетна точка на сѐ друго што прави оваа огромна заедница.

Најочигледно, во 2013 година Mozilla ги лансираше своите први телефони FirefoxOS. Спецификациите на хардверот нема да ве паднат на газот, но идејата зад FirefoxOS пред сѐ е да се донесе, или врати, HTML и мрежата на мобилните уреди кои станаа затворени во своите платформски апликации.

Важноста на HTML, Mozilla ја промовира и уште преку една своја иницијатива – стандардот за мрежна писменост. Аргументацијата е едноставна: не може да имаме активни и ангажирани корисници на интернет ако тие не го зборуваат јазикот на мрежата. Web Literacy standard е отворен стандард кој ќе им биде достапен на сите. Верзијата 1.0 се очекува до крајот на 2013 година.

Дека интернет мрежата со HTML може да биде одлична платформа потврдуваат и другите проекти на Mozilla. Тука е Mozila Popcorn што служи за уредување и монтирање на видео материјали во прелистувач. TogetherJS пак овозможува соработка во прелистувачот – да речеме, од вашиот Firefox прави нешто налик „remote desktop“.

Покрај сето ова Mozilla активно се вклучи и во коалицијата на организации што се противат на надгледувањето на интернет од страна на NSA и ја стартуваше страницата „Stop watching us“.

Сите овие проекти се со единствена цел, што произлегува од вредностите на манифестот на Mozilla: дека интернетот треба да биде отворен и достапен за сите. Самитот ќе им овозможи на илјадниците мозилијанци да добијат свеж поглед на сите овие теми, да се запознаат подобро и да добијат нов поттик за продолжување на мисијата на Mozilla.

(Текстот е објавен на IT.com.mk: http://it.com.mk/vo-ochekuvan-e-na-samitot-na-mozilla-2013/)

No responses yet

Post a comment

Post Your Comment