Posts from 2007

Банери за промоција на Mozilla Firefox на македонски

Mozilla Македонија

2

На старото место каде што стојат неколку статични страници имаме и неколку банериБанерите за промовирање на Firefox на македонски јазик ги преместивме на Викито за слободен софтвер. Ако сакате да го промовирате преводот на вашата страница или блог, ова е добар начин да го напраивте тоа.

Земете македонски Фајрфокс!

 

 

Патем, за тие што се добри во правењето банери, сметајте го ова и за повик да  се направи по некој нов банер. Ете Firefox 3 е на повидок.

Firefox 2.0.0.9

Mozilla Македонија

2

Новa верзија на Firefox 2.0. Оваа верзија поправа неколку сигурносни грешки како и некои грешки кои се појавија во претходните две подверзии, 2.0.0.7 и 2.0.0.8.

За оваа верзија(*) беше прилично ажуриран и подобрен македонскиот превод и на Firefox, но и на Thunderbird, така што 2.0.0.9 е моментално најдобро преведен Firefox. Ова следеше по ударничка акција за наоѓање грешки и недоследности во преводот, по која тројцата најактивни ловци на грешки добија и Firefox маички (донација од Mozilla Europe).

Во меѓувреме Thunderbird малку стагнира со нови верзии (.7 и .8 ги нема), но наскоро треба да излезе неговата 2.0.0.9 верзија со ажуриран превод.

Што се однесува до преводот, ова веројатно беше и последното ажурирање на 2.0 верзиите. Наскоро се очекува Firefox 3.0 со многу подобрувања и понатамошната енергија ваљда ќе биде насочена кон него. Доброволци се добредојдени.

(*) всушност новиот превод беше вклучен уште во 2.0.0.8 ама тогаш заборавивме да објавиме 🙂

Sunbird 0.7 на македонски

Mozilla Македонија

0

Искочија 0.7 верзиите на Sunbird и Lightning, илити Mozilla Calendar.

Sunbird на македонски се од веб страницата на мозила: тука.

Lightning е проширување за Thunderbird и најверојатно се инсталира автоматски според јазикот на Thunderbird: тука. Пробајте, па кажете.

Пријавувајте грешки на bugs.softver.org.mk

.

Пет години Слободен софтвер Македонија

Mozilla Македонија

0

Организацијата посветена на промовирање на слободен софтвер и слободна култура во Македонија слави 5 години постоење. Повелете на журка.

Повеќе информации:

Сподели знаење

Слободен софтвер Македонија

Firefox 2.0.0.7

Mozilla Македонија

0

Излезе безбедносно подобрување на Firefox – 2.0.0.7.

Firefox можете да го преземете од http://getfirefox.com/. Ако сакате да го надградите вашиот Firefox од менито „Помош“ одберете „Провери за надградби“.

Доколку сакате можете да го нагодите Firefox сам да проверува дали има надградби и истите да ги инсталира. Од менито „Алатки“ одберете „Опции“ (на GNU/Linux „Уредување“ и „Преференции“) и потоа од делот „Напредно“ одберете те го јазичето „Надградби“ за да ги изберете саканите опции.

Ден на слободен софтвер 2007 во Скопје, сабота 15.09.2007

Mozilla Македонија

1

Во сабота на 15 септември во Скопје ќе биде одбележан денот на слободниот софтвер.

Настанот започнува на две локации во центарот на градот: во Магор и Точка во 11 часот. Доколку дојдете таму ќе можете да си земете CD со слободен софтвер и да добиете некој совет или одговор на некое прашање за слободниот софтвер.

Во некој дел од денот можеби и ќе направиме прошетка низ скопските улици за да разделиме дискови, но главно некој ќе има цело време на овие две локации се до 18 часот. 

Вечерта е резервирана за проекција на филмот „Добра копија, лоша копија“ (документарен филм за авторските права и музиката). Проекцијата ќе започне во Мала станица (Медиум) во 20 часот. 

Направете обиколка низ овие места во Скопје на 15ти. Имаме многу дискови за делење, а на нив ги има најновите копии од Firefox и Thunderbird на македонски јазик. 🙂

Вест на Сподели знаење: врска.

Често поставувани прашања и одговори на нив

Mozilla Македонија

0

Што е овој блог?

Овој блог е место каде што македонскиот тим за локализација на производите на Мозила ќе објавува информации кои се важни за локализацијата (на пример кога се крајните рокови за пријавуање грешки) и кои се важни за корисниците (на пример кога излегува нова верзија на некој од производите).

На овој блог исто така ќе се појавуваат вести кога ќе има потреба од поголема помош во процесот на локализација, т.е. кога е пожелно да се вклучат што е можно повеќе луѓе.

Што не е овој блог?

Овој блог не е место каде што треба да барате информации за помош и поддршка. Иако е веројатно дека ќе објавуваме некои вести на таа тема кои се однесуваат на голем број на корисници, малку е веројатно дека тука ќе одговараме на поединечни прашања.

Овој блог не е форум за дискусии за производите на Мозила, нити место за препукувања од типот дали некоја апликација е подобра од некоја друга.

Како да добиете поддршка за производите на Мозила?

Постојат повеќе места каде што можете да добиете поддршка за производите на Мозила. Тимот кој го пишува овој блог постојано следи две од нив. Тоа се: групата за дискусии mk.comp.software на серверот news.mt.net.mk и поштенската листа [ossm-members]. Можеби има и други места во .mk Интернет просторот, но нив не ги следиме редовно.

Доколку јазикот не ви е пречка и можете да пишувате на англиски, поддршка за производите на Мозила можете да добиете и на групите за дискусии mozilla.support.* на серверот news.mozilla.com.

Правилата за поставување на прашања на сите места се исти. Треба да поставите прецизно прашање кое детално го објаснува вашиот проблем. Тогаш можете да очекувате добар одговор. Ако поставите лошо прашање, ќе добиете лош одговор. Имајте на ум дека на прашањата одговараат луѓе кои донираат дел од своето слободно време за да им помогнат на другите. Почитувајте го тоа.

Ако сте компанија или друго лице кое сака да добие платена поддршка, можете да контактирате со нас на адресите за е-пошта напишани во подножјето на страницава.

Како да помогнете? 

Локализацијата на производите на Мозила е проект на кој работат волонтери, па помош секогаш е добредојдена. Најочигледниот начин е да пријавувате грешки или нејаснотии кои ќе ги најдете во преведените апликации (подолу е објаснето како се прави тоа).

Доколку сакате да направите нешто повеќе, испратете ни е-пошта на адресите напишани во подножјето на страницава и ќе смислиме нешто.

Како да пријавите грешка во преводот? 

Грешки во преводот се пријавуваат на сервисот bugs.softver.org.mk . За секоја апликација има посебен проект. Директни врски до проектите има на овој блог во полето насловено „Пријавување на грешки во преводот“.

Сервисот функционира како и секој друг сервис: се пријавувате со вашето корисничко име и лозинка (ако ги немате, прво ги креирате), одите во соодветниот проект, притискате на „Нова задача“ и ги пополнувате потребните информации.

Во образецот за пријавување на грешки прво ја пополнувате рубриката „На кратко“ каде што внесувате краток опис на проблемот кој што сте го нашле. Од опциите кои следат надолу одбирате соодветно, а во рубриката „Детали“ внесувате подетални информации за грешката: каде сте ја нашле, каде и како сте ја кликале за да дојдете до неа, дали се повторува цело време, дали имате предлог за нејзино решавање и со што го поткрепувате предлогот.

На крај, во рубриката „Закачи датотека“ можете да приложите слика од екранот на која грешката е обележана со црвена боја.

Еве една пријавена (и решена грешка) за Фајрфокс: врска.

Зошто помошта за Фајрфокс не е преведена?

Помошта за Фајрфокс не е преведена бидејќи до овој момент не сме нашле некој практичен и лесен начин за нејзино одржување. Тоа е важен фактор кога располагате со ограничени ресурси. Но, ова не значи дека преводот не може да се направи. Доколку сакате да го спроведете овој потфат пишете ни.

Зошто нема алатка за проверка на правопис за Фајрфокс/Тандрбрд?

Накратко одговорот е дека не сме нашле време кога да го направиме тоа. Работата не е премногу тешка, но не е ни тривијална. Помош околу ова е добредојдена. 

Прв запис, од втора

Mozilla Македонија

0

ОК. Првиот запис содржи прилично стари информации. Го ставивме колку да има нешто.

Во наредниве денови (ако биде издржливо пред монитор) ќе го дополниме блогов со посвежи информации. Особено внимавајте на коцката „За читање“. Веројатно таму ќе има некои ЧПП, упатства во врска со локализација и сл.

Дамјан, Иван, Новица и сите други кои работеа на локализирањето на производите на Мозила испраќаат едно големо благодарам до Bi и u240b што посветија дел од своето време за да го направат блогов да изгледа вака.